Тевдовски реферираше пред европски претставници како го контролира трошењето на јавните пари

Јавната внатрешна финансиска контрола е дел од идните преговори со Европската Унија.

116

Преку обезбедување на сеопфатен систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, ќе се овозможи подобро управување со јавните средства, поголема отчетност и ефикасност во нивното трошење, беше заклучено на денешната конференција во Министерството за финансии.

На конференцијата пред претставници на Европската комисија, ОЕЦД и СИГМА, беше презентирана „Политиката за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор“.

– Станува збор за неколку исклучително важни работи: поуспешно, поефикасно и поодговорно трошење на парите од буџетот на државно и на локално ниво, стратешко планирање на финансиите, поквалитетни контролни механизми, сузбивање евентуални неправилности во користењето на јавните финансии, зголемување на транспарентноста и отчетноста – нагласи министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој појасни дека јавната внатрешна финансиска контрола е дел од идните преговори со Европската Унија.

– Тоа поглавје, според искуството на некои од земјите од регионот, е меѓу посложените во однос на усогласување со меѓународните стандарди и најдобрите практики на ЕУ. Меѓутоа, нашата земја досега има спроведено неколку твининг проекти за јавната внатрешна финансиска контрола, така што очекувам дека подготвено ќе ги дочекаме преговорите – истакна Тевдовски.

Според него, земјата сега има сеопфатна национална стратегија како внатрешната контрола треба да се спроведува во јавната администрација.

– Претстојните реформи, без сомение, ќе придонесат за потранспарентно и отчетно носење на одлуките и поефикасно трошење на јавните пари – рече Рејмонд Хил, тим лидер за јавна внатрешна финансиска контрола во Генералниот директорат за буџет во Европската комисија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...