Се очекува растот на странските директни инвестиции да се искачи на над пет отсто од БДП, одржливо ниво, во периодот по пристапување во НАТО. Ова е двојно повеќе од просечната стапка на раст на странски директни инвестиции во изминатите пет години. За нашата земја ова ќе значи поголема вработеност, подобро платени работни места и повисок стандард за живеење.
Ова го изјави министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање на „Bush School of Government and Public Service” А&M Универзитетот во Тексас.
– Ако го споредувате периодот пред и по пристапувањето кон НАТО, странските директни инвестиции како процент од БДП кај некои од земјите се удвоија, додека кај други дури се триплираа. Не гледам зошто Северна Македонија би била исклучок од ова. Ако изминатите пет години просечната стапка на раст на странски директни инвестиции како процент од БДП беше релативно ниска и изнесуваше околу 2,5 отсто, очекувањата се дека во следниот период тие ќе се искачат на одржливо ниво од над пет отсто како процент на БДП- рече Тевдовски.
Тој додаде дека во контактите сео странски инвеститори, предмет на интерес кај нив било и прашањето за политичка стабилизација, за решение за спорот со името и за прогресот во интеграциите кон ЕУ и НАТО.
– Со политичката стабилизација, договорот со Грција и прогресот во евроатланските интеграции ги елиминира политичките пречки и дава основа за повисоки инвестиции и економски раст во периодот кој доаѓа. Членството во НАТО е гаранција за стабилност и долгорочна одржливост. Затоа верувам дека економските бенефити ќе бидат брзо видливи – повисоките странски, како и домашни инвестиции ќе резултираат со повисок извоз, повисока вработеност и плати и повисок животен стандард за граѓаните – рече Тевдовски.
Министерот за финансии посочи дека земјата успешно ја задржала макроекономската и финансиската стабилност, како и дека очекува тоа да се задржи и во иднина.
„Bush School of Government and Public Service” е една од најдобро рангираните школи во САД за јавна администрација, меѓународни односи и надворешна политика.