Реален е проектираниот раст на БДП од 3,2 отсто за 2019 година, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес конференција на која беа соопштени бројките на раст на економијата во полседниот квартал лани.
-Проектираниот раст од 3,2 процента апсолутно може да се оствари, бидејќи е направен без премногу подигнати очекувања од аспект на членството во НАТО кое ни се случува. Со тоа очекуваме сериозни приливи на дополнителни странски инвестиции и дополнително заживување на економијата. Оптимисти сме дека годинава економијата ќе се движи со стапка повисока од три проценти – рече Тевдовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тој појасни дека намалувањето на извозот во јануари годинава за 1,9 отсто и падот кај земјоделските производи за 26,2 процента се должи на сезонската флуктуација.
-За трговската размена најбитно е што трговскиот дефицит во 2018 година е најнизок во последните 15 години. Ако порано се движеше од 20 до 25 отстои, сега е намален на 17 отсто. Вториот важен параметар е покриеноста на увозот со извоз која во 2011 година беше нешто над 63 отсто, а лани завршивме со покриеност од 76,7 отсто во поглед на трговскиот дефицит што е одлична бројка- рече тој.