Средствата одвоени за референдумот од 80 милиони денари се од резервни функции на државата и тоа нема да предизвика ребаланс на Буџетот.
Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски одговорајќи на новинарски прашања при денешната посета во Велес.
– Точно ќе бидат обезбедени 80 милиони денари, а апсолутно нивната големина не би предизвикала ребаланс на Буџетот. Тоа е доделено како план за трошење од резервните функции на државата – изјави Тевдовски.
За тоа како ќе се трошат средствата појасни дека Собранието е овластен предлагач и според законот тоа има право да ги користи овие средства.
– Сега е работа на Собранието и според законот тоа има право да ги користи овие средства. Мислам дека има повик до сите пратенички групи да искажат потреба и дали ќе бидат вклучени во кампањата, но тоа е работа пред се на Собранието. Ние обезбедивме средства од овластениот предлагач од Буџетот на Р. Македонија – истакна Тевдовски.
Одговорајќи на новинарско пашање за наследените долгови на општините, Тевдовски рече дека постојано се анализира состојбата, посочувајќи дека не само во единиците на локалната самоуправа, туку и во централниот буџет се наследени големи долгови.
– Ние постојано ја анализираме состојбата, бидејќи не само во единиците на локалната самоуправа, туку и во централниот буџет ние наследивме големи долгови, значи брзорастечки јавен долг, со многу неплатени, а преземени обврски. Ја анализираме состојбата и во тој дел кога ќе имаме нешто како одлука ќе го соопштиме транспарентно на јавноста – рече министерот Тевдовски.