Тевдовски и Ангеловска-Бежоска со различни очи гледаат на растот на БДП

Тевдовски вели дека е најважно што економијата почнува сериозно да расте.

612

Македонија има капацитет да го достигне проектираниот раст од 3,2 отсто, смета министерот за финансии Драган Тевдовски, а според гувернерката на Народната банка на Република Македонија Анита Ангеловска-Бежоска постојат ризици и тоа ќе зависи од тоа што ќе се случува во натамошниот период.

– И нашите макроекономски показатели и сите податоци што ги објавува Државниот завод за статистика, зборуваат дека економијата оди во позитивна насока и тоа е најважно. За вториот квартал растот на БДП е 3,1 процент, имаме раст на индустриското производство, странските директни инвестиции кои се 325 милиони евра, стапката на невработеност е намалена, имаме раст на платите, приходите од даноци се согласно нашите проекции и имаме ликвидност. Сметаме дека Македонија има капацитет да го достигне проектираниот раст од 3,2 проценти – рече Тевдовски по редовниот состанок на Комитетот за финансиска стабилност.

Според него, најважно е што економијата почнува сериозно да расте.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска изјави дека по економската стагнација е остварен раст на економската активност што укажува на позначајни поместувања кај економската активност.

– Сепак дали стапката на раст од 3,2 отсто ќе се оствари во голема мера ќе зависи што ќе се случува во натамошниот период. Ризиците не можам да кажам дека не постојат, постојат со оглед на тоа што во првите кваратали ако гледам кумулативно економскиот раст од 1,6 отсто, нашите очекувања за првото полугодие е некаде околу три проценти. Сепак, ако се гледаат податоците структурно внатре наспроти нашите проекции јасно е дека отстапувањето и потфрлањето е повторно концентрирано во сегментот на инвестиции и дека повторно клучно понатаму да биде ревитализација на инвестициски циклус во нашата економија -рече Ангеловска-Бежоска.

Ангеловска очекува постепено забрзување на кредитната активност.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...