Тевдовски и Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон

На состанокот со потпретседателот на ЕИБ, Андре Мекдовел и со генералниот директор на ЕИБ за кредитни операции, Жан-Кристоф Лало ќе биде склучен меморандум за соработка меѓу Народната банка и ЕИБ во спроведувањето на Анкетата за кредитна активност на ЕИБ за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.

87

Делегација предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на редовните Пролетни средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.

Министерството за финансии соопшти дека предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската инвестициска банка и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ). Во рамки на средбите закажани се состаноци со заменик-претседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер, со директорот на СБ за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, со извршниот директор на Светска банка за Конституенцата во која е Северена Македонија Кун Дејвитсе, со Пол Томсен, извршен директор на ММФ за Европа и шефот на мисијата на ММФ за Македонија Џесмин Рахман.

Во фокусот на разговорите ќе бидат тековната и идната соработка на Македонија со овие меѓународни финансиски институции. На овие состаноци, меѓу другото, ќе се говори и за финансискиот и банкарскиот систем, како и воопшто за финансиската стабилност на земјава. Делегацијата ќе оствари средба и со потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија, Георгина Бејкер.

Од Народната банка информираат дека постигнатите резултати од досегашната успешна соработка меѓу нашата централна банка и ММФ, подетално ќе бидат анализирани и на состаноците што гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе ги оствари со раководителите на неколку дирекции на оваа меѓународна организација, вклучително и дирекциите за статистика и за монетарни и капитални пазари. Ќе се дискутира и за можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка, преку техничка и советодавна соработка во сферата на стандардите за статистичко известување и на моделите за економско проектирање.

На состанокот со потпретседателот на ЕИБ, Андре Мекдовел и со генералниот директор на ЕИБ за кредитни операции, Жан-Кристоф Лало ќе биде склучен меморандум за соработка меѓу Народната банка и ЕИБ во спроведувањето на Анкетата за кредитна активност на ЕИБ за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Како претставник на шестте земји од регионот што сѐ уште не се членки на Европската Унија, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе учествува и на состанокот на надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2 што ќе се одржи во рамки на Средбите во Вашингтон.

Пролетните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Редовно, во дискусиите на Средбите, акцентот е ставен на актуелните случувања во светската економија и на важни теми како што се поттикнувањето на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој за сите целни групи во општеството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...