Со новиот Закон за јавни набавки, кој ќе стартува од април, се воведуваат низа мерки кои ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки, бидејќи тие се ’рбетот на економијата. Ова го вели министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за порталот biznisregulativa.mk.
– Од една страна, вклученоста на малите и средни претпријатија во јавните набавки, им овозможува на договорните органи да ја прошират базата на потенцијални понудувачи и да ги почуствуваат позитивните ефекти од поголемата конкуренција. Од друга страна, се создава противтежа на доминантните играчи на пазарот- вели Тевдовски.
Со законот се намалуваат административните трошоци за учество, што е од особено значење за малите и средни претпријатија посочува министерот.
– Покрај тоа, со законот се воведува и можност за директното плаќање на подизведувачите, кои најчесто се мали и средни претпријатија. Доколку пак, не е предвидено директно плаќање, договорниот орган бара од носителот на набавката да му достави доказ, дека го исплатил подизведувачот во рок од 60 дена од денот на исплаќање на фактурата од договорниот орган- објаснува Тевдовски.
Министерот за финансии посочува дека новиот Закон за јавни набавки ги штити и правата на работниците.
– Се воведуваат одредби кои се однесуваат на вклучување на социјални аспекти во постапките за јавни набавки, односно резервирани договори со цел поттикнување на инклузивен раст и вработување социјално загрозени групи – вели Тевдовски.
Според него, новиот Закон за јавни набавки е европски закон и посочува дека тој има три клучни цели: прво, да обезбеди рационално трошење на државните пари; второ, слободна и фер конкуренција и трето, транспарентност во јавните набавки.
Во согласност со европските правила и пракса, новиот Закон дава можност покрај цената да се вреднува и квалитетот. При тоа договорниот орган во зависност од предметот на набавка самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот.