Од досегашните искуства, по пристапувањето на земјите во НАТО, се намалува невработеноста, економскиот раст е забрзан и се забележува подигнување на животниот стандард. На пример, кај земјите кои пристапија во НАТО во 2004 година, ако се спореди период пет години пред и по членството се забележува скоро двојно намалување на стапката на невработеност, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во изјава за МИА.
– Доколку се земе предвид просекот пет години пред и по влезот во НАТО, се забележува и забрзан раст на економијата. На пример, Бугарија од просечен раст од 2,8 проеценти пред влезот, по пристапувањето во НАТО забележува раст од 6,7 отсто. Кај Романија растот се зголемил од 3,7 проценти на 7,2 отсто, кај Словачка од 2,8 на 7,4 отсто. Секако дека тука е важно и движењето на глобалната економија, вели министерот за финансии.
НАТО ќе значи плус за македонската економија, бидејќи членството пред се, е гарант за безбедност. Безбедноста значи политичка стабилност, демократија, а тоа се оние главни предуслови за да имаме побрз економски раст, вели Тевдовски.
– Сите домашни и странски инвеститори прво прашање кое го поставуваат е дали постои стабилност, безбедност. НАТО тоа ќе го обезбеди. Практично тоа ќе значи доверба во иднината на земјата, ќе значи статус на земјата во меѓународната заедница. Може да се очекува дека и домашните и странските инвеститори, ќе ги зголемат инвестициите, ќе вложуваат во нови производни линии, во нови производи, ќе отвораат нови работни места, ќе даваат повисоки плати. Сето тоа ќе го движи животниот стандард на граѓаните, посочува Тевдовски.
Мерено преку номиналниот БДП по глава на жител, усогласен со куповната моќ, кај земјите по пристапувањето во Алијансата се забележува подобрување на животниот стандард. На пример кај земјите што пристапија кон НАТО во 2004 година, согласно податоците на ММФ, се забележува пораст на овој показател од седум проценти просечно годишно во петгодишниот период пред зачленувањето на 10,2 проценти просечно годишно во петгодишниот период по зачленувањето. По зачленувањето во НАТО во новите земји-членки се забележува и значајно подобрување на дистрибуцијата на доходот мерено преку ЏИНИ коефициентот.