Следанта година државната каса ќе тежи на 228,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава, информира денеска министерот за финансии Драган Тевдовски кој на собраниската Комисија за финансирање и буџет го презентира Предлог-буџетот за 2019 година.
Тевдовски рече дека според предлогот за 2019 година се базира на растот на економијата од 3,2 отсто, а е предвидена и стапката на инфлација од 2 отсто.
– Буџетот ги отсликува политиките и мерките на Владата планирани за 2019 година и одраз на определбата на владата за транспарентно трошење на народните пари – рече Тевдовски.
Во буџетот се предвидени пари за повисоки плати во здравството, образованието и одбраната, повеќе пари за реформите во социјалната и детската заштита и пензискиот систем, како и средства за воведување „зелена нафта“ во земјоделството.
– За плати и придонеси во јавната администрација предвидени се 28,3 милијарди денари, а за пензии 56,4 милијарди денари. Од Буџетот во Фондот за ПИОМ ќе се трансферираат 28,1 милијарди денари – рече Тевдовски.
Дополнителни 2,2 милијарди денари, рече Тевдовски, се планирани за реформираниот систем за социјална и детска заштита, а се планира и воведување на социјална пензија за околу 6.000 лица кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години.
– Капиталните инвестиции се проектирани на 25,7 милијарди денари – рече министерот.
Тевдовски информира и обврските на земјата во наредната година.
Задолжувањето во странство, како што рече, може да се реализира преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на одделни проекти, како и преку заем за буџетско финансирање гарантиран од Светска банка, додека со задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги историски ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите.
Нето задолжувањето во 2019 година ќе изнесува 28,6 милијарди денари (9,2 милијарди денари нето-домашно задолжување преку државни хартии од вредност и 19,3 милијарди денари нето-надворешно задолжување). Со овие средства, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 17,7 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 10,3 милијарди денари како депозит и дополнително ќе се отплатат 544 милиони денари структурни обврзници за денационализација.
Според министерот, особено значајно е да се знае дека во 2020 и 2021 година ќе имаме за враќање околу 835 милиони евра само по основ на три големи претходни задолжувања втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и остаток од еврообврзница од 180 милиони евра издадена во 2015 година, плус други отплати на долгови на домашен и странски пазар.
Народниот правобранител Иџет Мемети прв се изјасни за буџетот којќе го троши наредната година.
– Очекувам овој буџет да биде извршен без проблеми исто како и оваа година. Втора година е да немаме пробелм со конципирањето на буџетот на народниот правобранител. Сакам да кажам дека ова е прв пат институцијата да биде самостојна со изготвувањето на нејзиниот буцетот и нејзиното екипирање. Очекувам да се доекипираат и двата нови оддели – рече Мемети.
Претседателката на Комисијата, Лилјана Кузмановска, рече дека не постои поцрно сценарио за граѓаните од ова кога олкав голем буџет се предлага за идната година.
Таа обвини за популистички буџет, како што рече, поради повисоките плати планирани во време на изборна година.
Кузмановска го проблематизира и предвидениот раст од 3,5 отсто.
Таа обвини и дека сегашната власт го зголемува јавниот долг, но не го подобрил животот на граѓаните.
Кузмановска предложи дасе направи приоритетна листа на капитални инвестиции во кои ќе се вклучат и опозиционерите и тие да бидат селосно реализирани за една година.