Театарските претстави за деца на репертоарот на битолскиот Народен театар

74

Актерите од битолскиот театар одиграле голем број детски претстави и за тој тип јавни настапи вообичаено повод биле Денот на пролетта, Денот на шегата или дочекот на Новата година. На сцената на НУ Народен театар – Битола во рамките на репертоарот биле подготвувани и претстави за деца, но таа традиција, дури по 25 години пауза, токму лани, во 2019 година беше возобновена.

Некои ќе речат, не е исто да се каже детска претстава и театарска претстава за деца!? И додека се анализира дилемата на дефиницијата, полесно е да се посочи дека ансамблот на НУ Народен театар – Битола минатата година постигна вистински успех со претставата на матичната сцена „Си беше еднаш во иднината“ работена според текстот на Сашо Кокаланов, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.

„Си беше еднаш во иднината“ е претстава за борбата на новите генерации да ги исправат грешките на претходните. Тоа е приказна за другарството што ќе го спаси светот или барем ќе остави една вклучена неонка во тунелот за да трепка во теминината, посочи авторот Кокаланов за претставата, како генерациска средба во иднината која најмногу зборува за сегашноста. Во пресрет на премиерата, режисерот Јаниќијевиќ порача дека претставата е возбудлива за децата, а ги воспитува родителите. Претставата вознемирува затоа што потсетува на времето кога децата по цел ден беа надвор од домот, ги играа своите детски игри, а сега не излегуваат од дома и постојано се пред компјутер затоа што возрасните им ги исекоа дрвјата, ги уништија игралиштата и направија паркиралишта.

Првата театарска претстава за деца подготвена и одиграна во 1947 година

Како што е познато, Народен театар – Битола е формиран во 1944 година, а во првите години по ослободувањето на Битола во театарот се појавуваат театарски творци, познати македонски артисти и писатели за деца. Еден од нив е актерот Петре Прличко, кој најпрвин се претставува со едночинката „Итра лисица среде стапица“, која премиерно се изведува во април 1947 година, 10-те претстави ги следеле 3.214 гледачи, а потоа Прличко во битолскиот театар го подготвува и текстот наменет за куклената претстава „Силјан Штркот“, која премиерно била изведена во март 1948 година. Оттогаш, години со ред, водствата на театарот посветуваат соодветно внимание на театарските проекти за деца кои, според сеќавањата на битолчани, посебно незаборавни биле театарските претстави за деца „Шарената топка“ во режија на Душко Наумовски одиграна на младинската сцена во 1959 година, претставата „Пепелашка“ во режија на Ацо Стефановски, поставена на младинско-детска сцена во 1970 година, а мошне успешни настапи битолчани имале на Фестивалот на детето во Шибеник во 1984 година со три свои сценски реализации наменети за најмладите, и тоа „Педаче“ и „Џинот фалбаџија“ во режија на Петар Стојковски-Бабец и „Училиште за кловнови“ во режија на Коле Ангеловски.

Претставите за деца се првиот расадник за идната публика во театар

Театарските претстави за деца се првиот расадник за идната публика во театар, и прв расадник за идните возрасни луѓе кои ќе одлучат да се занимаваат со театар, затоа што тука се раѓаат првите желби. Тука почнува првата театарска магија, вели режисерот Љупчо Георгиевски-Бубе, кој во 1996 година, пред 25 години ја подготви и режираше театарската престава за деца „Пинокио“ која, како што информира актуелниот директор на битолскиот театар Иван Јерчиќ, до лани беше последен организиран театарски проект посветен на најмладите.

– Работата врз претстава за деца е задоволство и посебна инспирација, и во таа смисла и ден-денес во мене се раѓа многу пријатно чувство. Се сеќавам на радоста што ја имав како режисер и кога цел ансамбл работеше на претставите за деца. Подготовката на претстави за деца е врзана со голема одговорност бидејќи поголем дел од децата првпат се среќаваат со таква уметност, тоа е голема фасцинација за нив, и тоа остава огромни траги во нивната психологија и нивниот развој. Во оваа пригода можам да потсетам на три театарски претстави за деца инспирирани од класичната литература за деца, а тоа се претставите „Хајди“, која премиерно беше изведена во 1994 година, а ја видоа 10.800 гледачи, потоа „Том Соер“ од 1995 година и „Пинокио“ од 1996 година, кои ги посетија над 10.000 гледачи. Во претставата „Том Соер“ играше цел ансамбл, а имавме и недостиг на актери. Во претставата „Хајди“ незаборавна е улогата на сега починатиот актер, доајенот Петар Стојковски-Бабец кој, исто така, режираше многу претстави за деца и како денес се сеќавам кога во претставата ќе се отвореше куќичката во која спиеше Хајди, децата, публиката, воздивнуваа од импресиите. Искрено, многу се вложувавме сите од прв до последен во театарот. За жал, подолго време беше запоставена подготовката на театарски претстави за деца, но мора, треба да се посвети поголемо внимaние на подготовката на претстави за деца без разлика на околностите и на времето што го живееме, порача режисерот Георгиевски.

Најновата театарска претстава за деца „Си беше еднаш во иднината“ ќе биде на репертоарот на НУ Народен театар – Битола во текот на цела 2020 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...