(За изложбите на Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски во Музејот на град Скопје)
Има едно амблематично дело на најновата изложба на Пандора Апостолоска Саздовска наречено „Автопортрет“. Всушност, тоа дело е сѐ друго освен автопортрет, бидејќи станува збор композиција од 42 правоаголни платна, сите целосно црни, без какви и да се фигуративни или други назнаки, освен двете последни, означени со (златни) точка и запирка. Досега, не сме виделе таков „автопортрет“ во македонската визуелна уметност! Или, да бидам повоздржан, јас не сум видел. И кога ќе изложите такво дело на самостојна изложба, а пред него, на подот, сте поставиле инсталација во форма на пепелиште од изгорен јаглен и дрво со наслов „Дом“, тогаш не може истото да не ја обележи, да не ја дефинира и целата поставка, per se. Односно, сте ја обележиле целата поставка со силен личен и авторефлексивен печат, со експлозивно набиена меморија за минатото и сегашноста, лично но и општо. А впрочем, наназад многу години, Пандора ја потврдува тезата дека Уметноста (се разбира, со големо „У“), никогаш и не била нешто друго туку однос кон она надвор и она внатре, однос кон светот и кон самиот себе. И нејзината уметност во последниве години е токму тоа: очи широко отворени (особено) кон човечката болка и страдање, но и интроспективен, автобиографски поглед во себе и постојаното навраќање кон одредени случувања од поблиското и подалечното минато, лични но и општи трагедии видени низ творечката оптика на уметницата. Токму за тоа, повторно, говори и најновата експозиција на Пандора насловена „in_transit“, која што е генерално интимна, автобиографска ретроспекција на некои настани / чувстувања од минатото, ама и на актуелни збиднувања, со кои што таа води некаков интерен дијалог, некаква лична расправа: со македонската стварност, со своите согледби и ставови за истата (делата „Welcome to Macedonia“, каде зборот Македонија е одвај читлив, „Balcan Destruction“, „Macedonian Landscape“ и др.). Но, едновремено, Пандора не пропушта да ја (о)држи и нишката – ветена во претходните нејзини проекти – со бегалската криза, мигрантите и нивните страдања, согледани општо но и пресликани и во некои нејзини лични / наши состојби. Уметноста на Пандора во овој втор, глобален аспект е како релевантен бројчаник што немилосрдно ги одбројува детските жртви на бегалската криза во Сирија, сега нараснат на 19.811 залудно загубени детски животи, регистриран во едно нејзино дело на изложбата. Но, како што веќе беше речено, глобалниот аспект на уметноста на Пандора – инаку единствен во оваа насока во актуелната македонска уметност – мора да се посматра и во корелација со нејзините лични (трагични) спомени, што на целата „приказна“ и дава дополнителна емотивна димензија. Водена од длабок сензибилитет, од психолошките трауми кои таа самата ги преживувала во земја еднаш вовлечена во пламенот на граѓанскиот конфликт, нејзиното дело е суптилен но легитимно брутален потсетник (и) на нашето секојдневие.
Сашо Саздовски, од друга страна, е еден од малкуте преостанати „класични“ македонски скулптори, што е суперлатив пар екселанс во денешниот наплив на дилетантизам особено во скулптурата, импонира со јасна мисла, техничка перфекција и апсолвиран „класичен“ третман на скулптурата во најдобрата смисла на овој поим. Доминантниот базичен код на поновата (со галериски формат) скулптура на Саздовски е продолжение на неговите истражувања на минималистичката (а сепак монументално конципирана) форма и ефектите на соодносите светло – темно, природно – вештачко, движење – спокојство итн. Во овие најчесто спротивставени релации Сашо ги открива сопствените творечки преокупации и ја димензионира / канализира својата специфична скулпторска инвентивност. Впрочем, во „течението“ на контрастите, или дивергентностите – црниот гранит „впиен“ во белиот мермер, тактилната текстура на канелурите контра плохите измазнети до висок сјај – тој ја открива „играта“, суштината на единството на спротивностите. Или самото јадро, философската сушност на „светот“ што ја растреперува мислата, ги шири зениците во воодушевување и го разгалува погледот. Во таа насока Сашо вешто ги контролира енергиите на материјалите, на нивните допири и разминувања, рационално ја калкулира ритмиката на (со)односите и спротивставувањата, „гради“ единство на различности при што вешто игра (и) со фокалната точка на соединувањето / „судирот“. Впрочем, и тоа е резултат на неговото мајсторство и искуството на галериската скулптура да и’ дозволи (и) ваков шарм и некогаш потенцирана, па и претенциозна „наметливост“ и „разиграност“, за разлика од, на пример, неговите импресивни монументални дела во кои што преовладува поинаков пристап. Покрај скулптурата, па и наспроти самиот назив на неговата изложба („Објекти“), Сашо изложува и дел од неговите мајсторски цртежи (некои и на платно), но не како некаква кроки увертира или подготовка за скулптурата туку токму како рамноправни, завршени и „самосвесни“ ликовни дела, потенцирајќи ја на тој начин и оваа негова определба да го посматра цртежот како заокружено самостојно ликовно остварување.
За жал, наспроти нивната творечка извонредност, овие две изложби во Музејот на град Скопје може / треба да се посматраат и како одлична илустрација за повеќегодишниот мачен пат на македонскиот уметник низ лавиринтите на македонската „уметничка“ бирократија. Одбиени (!?!) од една национална институција, уметниците беа приморани самите да бараат простор за организација на нивните изложби, па и самите да ја финансираат зашто со доделените средства на годишниот конкурс – од нивни колега како претседател на комисија! – можеа само да се сликаат и да ги изложат, евентуално, тие фотографии. А можеби тоа и требаа да го направат, за конечно да ја увидиме целата апсурдност на некои наши процедури. Но, затоа, не беше имуна на финансирање роднински релации со цели 400.000 денари за изложба, или доделување пари дури и за свадбена фотографија и слични будалаштини!