Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека по договорот што го постигнаа Македонија и Грција, сега е ред истото да го направат и Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тачи во интервју за телевизијата Клан Косова изјави дека меѓународната заедница очекува од двете земји да постигнат договор и дека Косово не смее да создава потешкотии во тој процес.
– Ние не треба да создаваме потешкотии изненадувајќи ги Европската унија и САД. Ниту Србија нема право да го отежнува процесот на дијалогот за нормализација на односите. Процесот на дијалогот ќе започне и ние треба да имаме мошне динамични заложби кои бараат решителност – изјави Тачи.
Косовскиот претседател го поздрави формирањето на преговарачкиот тим од страна на Собранието на Косово и нагласи дека тој има целосен легитимитет.
– Сега преговарачкиот тим е избран од Собранието и ние треба да го поддржиме, бидејќи го има легитмитетот. Затоа денес никој не може да се жали за недостиг на легитимитетот во преговорите со Србија – изјави Тачи.
Тој порача дека „многу вода ќе протече низ реките додека да се смири крвта меѓу Косово и Србија“, но дека Косово сега треба да се фокусира на својата стратешка цел – зачленувањето во НАТО и ЕУ.
– Тоа е масовна волја на граѓаните на Косово и ние таа можност не треба да ја изгубиме во ниеден момент – рече Тачи.