Тачи: Нема поделба на Косово и автономија за Србите, туку само корекција на границата

Косовскиот претседател Хашим Тачи продолжи денеска со секојдневните прес-конференции на кои ја промовира својата идеја за „корекција на границата со Србија“.

331

Косовскиот претседател Хашим Тачи продолжи денеска со секојдневните прес-конференции на кои ја промовира својата идеја за „корекција на границата со Србија“, што, според него, би подразбирало кон Косово де се припои Прешевската Долина, а Србија да не добие ништо од косовската територија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи денеска повтори дека нема поделба на Косово и додаде дека нема да има автономија за косовските Срби.

– Со корекција на границите се мисли единствено Прешевската Долина да припадне на Косово, но да нема поделба на Косово, ниту пак автономија за Србите, рече Тачи.

Тој истакна дека е целосно посветен на постигнување конечен мировен договор со Србија, а дека корекцијата на границата ја бара откако тоа од него го побарале претставниците на Албанците од јужна Србија, „како единствена можност да се легитимираат нивните барања“.

– Корекцијата на границите подразбира целосно присоединување на Прешево, Медвеѓе и Бујановац кон Република Косово. Тоа треба да биде транспарентен и мировен процес меѓу Косово и Србија, изјави косовскиот претседател.

На секојдневните инсистирања на Тачи дека треба да се направи корекција на границите со Србија се спротивставија сите релевантни политички субјекти на Албанците во Косово, најголемите владејачки и опозициски партии, меѓу кои и Демократската партија на Косово (ПДК), која тој ја основа и ја водеше до изборот за претседател на Косово.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај вчера рече дека „поместувањето на границите е можно единствено со војна“. Тачи, во реакцијата на оваа изјава на Харадинај, ја повтори својата теза дека не бара промена, туку „само корекција“ на границата со Србија и побара за тоа прашање граѓаните на Косово да се изјаснат на референдум.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...