Тачи и денеска не успеа да му го даде мандатот за формирање влада на Курти

Лидерот на Движењето Самоопределување Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово, ја одби и втората денешна покана од претседателот Хашим Тачи за средба на која требаше да му биде доделен мандадот

195

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово откако неговата партија победи на парламентарните избори во октомври, ја одби и втората денешна покана од претседателот Хашим Тачи за средба на која требаше да му биде доделен мандадот за состав на нова влада.

Информирајќи го Тачи преку соопштение до медиумите дека ниту вечерва во 20 часот, како и во првиот термин во 13.30, не ќе може да се сретне со него поради други обврски, Курти напоменува дека поканите пред да стасаат до него биле објавувани по порталите.

– Ви благодарам за поканите да се состанеме денеска, покани кои првично беа објавени на портали, а дури потоа стасаа во нашата канцеларија. Денеска бев надвор од државата. За да се консултираме за одредување на мандатарот за формирање на Владата, ќе се сретнеме во наредните денови. Во меѓувреме ќе ги разгледам членовите (од Уставот) што ги спомнувате во вашите дописи – порача Курти.

Во писмата упатени до лидерот на досега опозициската ВВ, Тачи се повика на одредби од Уставот на Република Косово – чл. 84 (14) и чл. 95.1, кои го овластуваат да преземе чекори за одредување мандатар за формирање Влада.

Согласно косовските закони, откако ќе го добие мандатот, мандатарот има рок од 15 дена да му го предложи на Собранието составот на владиниот кабинет. Доколку тој не успее да го обезбеди потребното парламентарно мнозинство, претседателот, согласно Уставот, треба да го понуди мандатот на лидерот на второрангираната партија на изборите, а доколку и тој не успее да формира влада земјата оди на предвремени избори.

Хашим Тачи и партијата што тој ја основа, Демократската партија на Косово (ПДК), се најчеста мета на напади од страна на ВВ и Курти во целиот повоен период во Косово.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...