Поранешниот главен преговарач во српско-косовскиот дијалог и поранешен косовски вицепремиер, Едита Тахири смета дека отстапувањето на северниот дел на Митровица создава „Голема Србија“.
За тиранската телевизија Ора њуз таа уште додаде дека размената на територии носи војна.
– Кога Србија сега гледа како сме зајакнати, таа има за цел да создаде Голема Србија со распарчување на териториите на Косово и Босна. Овој опасен план е симулиран од Русија, која е носталгична за загубите од Студената војна и губењето на влијанието во овој дел од Европа – смета Тахири.
Според неа, Албанците не се во позиција да ја создадат „Голема Србија“ со размена на „албански територии“.
– Ние Албанците не сме во позиција да ја направиме Голема Србија со давање на северот, најбогатиот дел од Косово, преку размена на албански територии, бидејќи ако ја направивме таа историска грешка ќе се создаде Голема Србија и ќе се врати хегемонијата на Балканот. Допирањето на границите на Косово создава војна не само меѓу Косово и Србија, туку проширување на војната на Балканот – изјави Тахири.
При неодамнешниот престој во Тирана,Тахири изјави дека албанскиот премиер Еди Рама и претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ се вовлечени во опасни сценарија за промена на границите.
Таа нагласи дека границите на Косово се недопирливи и оти само взаемното признавање меѓу Косово и Србија, како држави во сегашните граници, носи мир во регионот.