Прв пат откако неодамна со брза натурализација стана американски државјанин, Виктор Кнавс, татко на американската прва дама Меланија Трамп, допатувал во Словенија поради приватна тужба за клевета и повреда на честа, која пред повеќе од две години ја поднел против новинарот Бојан Пожар.
Кнавс својата изјава ја дал вчера во окружниот суд во Љубљана, каде се појавил во придружба на својата адвокатка. Тој одбил да даде било какава изјава на новинарите и им порачал дека се понападни од американските колеги и на излегување од судот им дофрлил само „бај бај“.
Адвокатката на Кнавс, Наташа Пирц Мусар, која во Словенија ги застапува правните интереси на Меланија Трамп, изјавила дека новинарот Пожар е тужен бидејќи во своите независни публикации и таблоидот своевремено навел дека Кнавс во младоста бил во затвор, но дека тоа не е вистина.
Кнавс преку адвокатката покренал постапка во која го тужи Пожар бидејќи во 2016 година го објавил написот „Документи, затајување данок:Виктор Кнавс бил во затвор?“.
Станува збор за наводи дека Кнавс во младоста , кога се занимавал со продажба на делови за автомобили, бил осомничен за затајување на данок, односно за трговија на црно, и дека за тоа бил осуден на затворска казна.