Тарантино е кретен, неговите филмови се ѓубре, изјавил Мориконе за „Плејбој“, композиторот одрекува

117

Легендарниот композитор Енио Мориконе, кој има работено со Квентин Тарантино и доби Оскар за најдобра музика за „Омразените осум“, во интервју за германското издание на „Плејбој“ изјавил дека Тарантино е „кретен“, а неговите филмови се „ѓубре“, објавија светските медиуми, меѓу кои и „Форбс“.

– Тој не е режисер. Во неговата работа нема ништо оригинално. Не можете да го споредите со холивудски режисери како Џон Хјустон и Алфред Хичкок. Тие беа неверојатни. Тарантино само готви познати јадења. Тој е хаотичен и сè прави во последен момент. Ми се јавува неочекувано, барајќи музиката за филмот да биде готова за неколку денови. Тоа ме излудува затоа што е невозможно. Нема да го трпам повеќе и му го кажав тоа – наводно додал Мориконе во интервјуто, што самиот композитор сега категорично го негира.

Во изјава Мориконе не само што негира дека го навредувал Тарантино, туку тврди и дека никогаш не дал интервју за германски „Плејбој“ и се заканува со тужба.

– Тотална измислица. Мојот адвокат ќе поведе правна постапка. Тарантино го сметам за одличен режисер – се вели во изјава на Енио Мориконе што ја пренесува „Варајати“, додека од германски „Плејбој“ сè уште немало реакција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...