Националната американска асоцијација за танц „American Dance Abroad“ месецов го посвети на работата на Рисима Рисимкин и Културниот центар Интерарт во Македонија кои важат за најзаслужни за развојот на современата танцова сцена кај нас.
Рисима Рисимкин и Културниот центар Интерарт ја организираат работата на фестивалот Танц Фест и Скопје танцовиот театар. Посветата од страна на Националната американска асоцијација за танц доаѓа го пресрет на 15-годишниот јубилеј на Танц Фест.
„Скопје танцовиот театар“ лани постигна голем успех во САД со гостувањето на еден од најстарите фестивали за танц во Њујорк на 37-то издание на „Battery Dance Festival“, на кој имаше два настапа: со кореографијата „Истиот извор“ на Матеа Киселичка на отворена сцена на фестивалот и со „Котел“ на Рисима Рисимкин на свеченото затворање на фестивалот.
Инаку, годинава Танц Фест во Скопје треба да се одбележи 15 години од постоењето на програмата за танц која ја смени сликата за современиот танц во Македонија, фестивал кој донесе бројни светски компании како Netherlands Dance Theater, Philadanco!, националните балет на Лисабон, Португалија, Скапино балет Ротердам, Интроденс, како и многу други компании.
Преку овие претстави, фестивалот влијаеше на оформување на вкусот на публиката и приближување на светските трендови во танцовата уметност кај нас.
– Се надевам дека годинива ќе добиеме вистинска поддршка од Министерството за култура и ќе можеме достојно да го одбележиме јубилејот, со што нашата држава ќе покаже вистинска грижа за современата култура и посебно танцот. Ќе покаже грижа за фестивал кој ја промовира првата „Награда за врвни достигнувања од областа на танцот МЕНАДА“ и која во Македонија ја добија основоположницита на балетот, но и светски имиња како Валдимир Васиљев и Ханс ван Манен. Танцовата уметност заслужува потполно внимание и навистина очекувам да имаме прекрасен фестивал, како и нови продукции на Скопје танцовиот театар, единствената компанија за современ танц кај нас – вели Рисима Рисимкин.
Танц Фест кој по многу нешта е единствен фестивал за танц кај нас, овозможи создавање на мост помеѓу нашата современата танцова сцена и светот, формирање на првата едукативна програма на универзитетско ниво за продукција на современи танчери, во соработка со престижната светска академија за современ танц од Ротердам, како и формирање на првата танцова компанија за современ танц Скопје танцовиот театар, кој во своето постоење (годинава ќе се навршат осум години од формирањето) успеа да ги пласира своите продукции на повеќе континенти, на најзначајни фестивали за танц во Европа, Америка и Кина.
Во годинешнава програма публиката ќе може да го проследи и четвртото издание на натпреварот за млади кореографи „Танцлаб“, за кој повикот штотуку се затвори и на кој аплицираа голем број млади уметници од целиот свет. Воедно за првпат во рамките на фестивалот ќе се додели „Наградата за млад уметник од областа на танцот“ на годишно ниво.