Под мотото „Идентитети што не смеат да се пропуштат!“, од 4 април на повеќе сцени ќе се одржува 15. „Танц фест“. Фестивалот ќе биде отворен в четврток во МНТ со претставата „Идентитети“ на Скопје танцовиот театар и ќе биде доделена наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот.
– Годинашнава програма е посветена на младите, современите танчари и нови кореографски имиња од нашава земја, со цел општеството да го препознае идентитетот кој го создадовме, како резултат на долгогодишното влијание на фестивалот и неговото значење за развојот на современата танцова сцена кај нас – изјави Рисима Рисимкин, уметнички директор на „Танц фест“.
Покрај македонски, ќе учествуваат и селектирани млади кореографи од Франција, Холандија, Израел, Русија, Италија и Полска. Фестивалот ќе биде затворен на 23 април, со претставата од Кина „Секвенци – минато, сегашност, иднина“.
Во рамките на фестивалот првпат ќе биде доделена и наградата „Менада“ за млад уметник, како поттик и признание за младите уметници.
На програмата е и Интернационалниот натпревар за млади кореографи, ТАНЦЛАБ, на кој, покрај наши, ќе учествуваат и селектирани млади кореографи од Франција, Холандија, Израел, Русија, Италија и Полска. Танцлаб ќе се одржува на сцената на Младинскиот културен центар на петти април (полуфинале) и шести април (финале) во 20 часот.
На деветти април гостува Кодартс, од Ротердам, Холандија, со претставата под наслов „Таленти во движење“, програма која прикажува кратки кореографии на извонредни светски кореографи, меѓу кои и на нашата кореографка Адријана Данчевска, која изминатиот период работеше во Холандија.
На десетти април на сцената на Младинскиот културен центар ќе го видиме „Проширување на објективот“ со настап на млади танчери, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ како дел од Скопје танцовиот театар, како и Инкубатор млади уметници и гости танчери од Швајцарија и Италија.
На 16 април на сцената на МНТ во 20 часот, ќе се одржи премиерата на Скопје танцовиот театар со „Луцидниот Јос“ на Дејан Битровски и „Скеч“ на Адријана Данчевска“.
За прв пат годинава Танц Фест ќе има програма во ноќниот клуб „Сектор“, со цел да се приближи кон урбаното живеење. Ќе бидат изведени две претстави, на 18 април, 21 часот, „Фенси сме“ со млади уметници, и на 20 април, 21 часот, „Адријана Данчевска и Скопје танцов театар“, авторска вечер на младата короеграфка Данчевска.
Од 18 до 21 април, на сцената Зебра, ќе се одвива програмата наменета за деца „Танцуваме со Виталија“ во која ќе учествуваат деца од тука и од Холандија.
Фестивалот ќе се затвори на 23 април, со претставата „Секвенци – минато, сегашност, иднина“ на ЗЈЦМ од Ханџо, Кина.