Оваа недела во Москва ќе се одржи дводневен состанок меѓу авганистански политичари и официјални претставници на Талибанците.
Средбата, која е најавена за денеска и утре, ќе биде во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Русија и Авганистан.
Портпаролот на Талибанците Сухаил Шахиин потврди дека бунтовниците имаат намера да испратат делегација која ќе учествува на церемонијата, но не откри повеќе детали.
Портпаролот на високиот совет за мир во Авганистан, кој има задача да помогне за спроведување на мирни разговори меѓу Кабул и Талибанците, рече дека Карим Халили, кој е шеф на институцијата, исто така ќе престојува во Москва.
Поранешниот претседател на Авганистан Хамид Карзаи исто така ќе биде во Моксва, а неговиот портпарол Јусуф Саха најави дека авганистанската и талибанската делегација можат да се сретнат на маргините на настанот, на неформална средба. Тој сепак подвлече дека ништо не е гарантирано.
Ако има разговори, ова ќе биде втора средба меѓу лидери на Талибанците и претставници на опозицијата. Првата беше во февруари. Но, на овие разговори нема да има ниту еден претставник на актуелната администрација на претседателот Ашраф Гани што предизвикува загриженост дека администрацијата е занемарена во мировниот процес, коментираат светските агенции.