Ако веруваме на познатото правило дека 70 проценти од перцепцијата која што се доживува доаѓа од сликата, а не од содржината на она што се зборува, тогаш коментарот за првата прес-конференција на десеткуваните „три грации“ е дека нивниот настап не беше нималку грациозен, а уште помалку доследен во споредба со славните прес-конференции, каде театрално ги изведуваа и изнесуваа своите истраги.
Прес-конференцијата која што не го ни имаше соодветниот облик, без наредени обвинители и со набрзина собрани новинари и камери, делуваше како очаен обид за заштита на своето работно место и платата која што ја добиваат.
Се чувствуваше невидена подготвеност на обвинителите во многу брзо време и на лесен начин да ја „продадат“ и „пуштат низ вода“ својата шефица – Катица Јанева.
Како тоа одеднаш не сакаа да издадат детали што ќе се случува со случајот „Империја“, во насока на почитување на пресумпцијата на невиност, а истото не важеше и не се почитуваше во брифинзите за било кој од случаите за кои целосно се изнесуваа детали додека инволвираните беа во притвор, а тие ги држеа своите прес-конференции пресудувајќи им на сите осомничени?
Очигледно, ова почитувување на пресумпцијата на невиност важи само кога тие самите се осомничени за злосторничко здружување?!
Зошто притоа на обвинителката Лиле Стефанова не и беше дозволено да даде изјава, сė додека притисокот на новинарите не влијаеше и таа да се појави и да одговори на прашањата?
Со изјавата на обвинителката Стефанова дека позади секој потпис на сите одлуки кои излегуваат од Специјалното јавно обвинителство стои единствено специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, таа ја покажа својата спремност да ја продаде својата шефица.
Иако под притисок на новинарите Стефанова ја даде својата изјава, таа не одговори на клучното прашање: зошто не противречела на донесените одлуки доколку била запознаена со истите и сметала дека е неисправно нешто од тоа?
Не може да има владеење на правото и правна држава без фер и правична постапка за сите.