Сѐ уште неизвесно учеството на Шпанија на Самитот за Западен Балкан во Софија

Повеќе дипломатски извори во Брисел наведуваат дека сегашната позиција е дека Рахој би дошол само на вечерата пред почетокот на Самитот.

99

Европската Комисија сѐ уште не е во можност да соопшти дали шпанскиот премиер Мариано Рахој, ќе учествува на Самитот за Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија на 17 мај.

За Мадрид е проблематично присуството на собирот на претседателот на Косово, чија незавиосност не ја признава, поттикнат од внатрешниот конфликт со шпанскиот регион Каталонија, кој бара независност од Шпанија.

Повеќе дипломатски извори во Брисел наведуваат дека сегашната позиција е дека Рахој би дошол само на вечерата пред почетокот на Самитот.

Европската комисија засега нема одговор на прашањето колку е важно учеството на Рахој на средбата.

– Ова е многу важен Самит кој ќе се однесува на поврзувањето на регионот – кусо изјави портпарол на Еврокомисијата без да влегува во детали околу ова чувствително политичко прашање.

Како што јави дописникот на МИА, нејасна е исто така и формата на документот кој треба да произлезе од Самитот ЕУ-Западен Балкан, бидејќи „одредени земји членки“ не сакаат да потпишат документ кој ќе биде истовремено потпишан и од косовскиот претседател Хашим Тачи.

Една од варијантите е документот да биде потпишан од 28-те земји членки на ЕУ, но не и од страна на државите од регионот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...