Суперхерои ги дигнаа кавадарчани на нозе

3820

Кавадарчани сакаат суперхерои, a голем интерес предизвика синоќа премиерата на филмот “Avengers: Endgame 2019” во 3Д киното во Кавадарци. Но имаше и луѓе од Прилеп, Велес, Неготино, дојдени да го гледаат со резервирани карти. Членови на кавадаречкото семејство Костадинови беа само едни од многуте фанови на Марвел филмовите.

– Филмот синоќа беше завршната војна помеѓу суперхероите кои го бранат светот од негативците. Беше збир од неколку филмови. “Ајронмен”, “Доктор Стренџ”, “Црн Пантер”, “Спајдермен”, “Чувари на галксијата”. За тие што не знаат, научна фантастика. Есента беше првиот дел од бесконечната војна, многу херои загинаа, не оставија со куп прашалници во глава и овој втор дел од таа војна се чекаше 6 месеци нестрпливо, за да се види како ќе заврши војната, нагласија Костадинови.

Тие изјавија дека со години ги гледаат овие филмови.

– Следиме како се развиваат јунаците. Ние бевме во првата претстава. Не можевме да излеземе од гужвата. Првпат видовме сите седишта да се пополнети во салата. Обично долните два реда се празни оти никој не сака да седи толку блиску до екранот на 3Д филм, додадоа Костадинови.

Кавадарци, според нив, но и според многумина кавадарчани, има среќа што има 3Д кино.

– Проекциите се во исто време кога се премиерно во цел свет. Значи, ние синоќа го гледавме филмот со сите фанови низ светот истовремено. Ние како семејство заедно го гледавме филмот. Често одиме во кино заедно. Сите ги сакаме Марвел филмовите. Убаво доживување е еднаш месечно да одиме во кино сите заедно фамилијарно, споделуваме квалитетно време заедно, се забавуваме. Откако е отворено 3Д киното во Кавадарци често има гужва за проекциите, имаат добар избор на филмови. За премиерите секогаш се бара карта плус. Благодарение на ова кино последниве 5 години луѓето во Кавадарци имаат можност да уживаат во квалитетни кино проекции. Ваква заинтересираност кога бев дете имаше за филмовите Војна на ѕвездите. Сега Марвел ја врати таа кино возбуда. Ние сме среќни што имаме 3Д кино во нашиот град, меѓу првите во Македонија и да, тоа го врати сјајот на киното во Кавадарци, од минатото, рекоа Костадинови. ​

Кавадарци беше првиот град во Македонија кој пред неколку години доби 3Д кино.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...