„Султанот на златниците“ обесен во Иран

180

Во Иран е обесен таканаречениот „султан на златниците“, заедно со негов соучесник, јавија локалните меидуми.

„Султанот на златниците” Вахид Мазлумин е осуден за манипулации на девизниот пазар. Покрај тоа, беше објавено дека за време на неговото апсење биле пронајдени два тони златни монети.

Вториот егзекутиран е Мохамад Исмаил Гасеми, кој бил соучесник на Мазлумин. И двајцата беа обвинети за корупција, кршење на законите за монетарна регулација и шверц.

Од август, Иран презема вонредни мерки за борба против корупцијата и шпекулантите. Тие се одговор на тешката економска состојба во земјата и обезвреднувањето на националната валута. Вонредните мерки вклучуваат формирање на специјализирани судови за справување со економски криминал.

Во последните месеци, економската ситуација во Иран се влоши. Најголем доказ за тоа е драстичната девалвација на националната валута од близу 70 проценти.

Влошувањето на економијата на Иран се продлабочи во текот на пролетта, откако претседателот на САД Доналд Трамп најави дека неговата земја се повлекува од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година и ги продолжува санкциите против Техеран.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...