Европскиот суд за човекови права во Стразбур денеска пресуди дека Русија треба да им исплати 20.000 евра како надомест на роднините на убиената новинарка Ана Политковскаја, поради лошо водење на истрагата за нејзиното убиство.
Рускиот и словачкиот судија гласаа против пресудата во Стразбур, а „за“ беа пет судии.
Судот и забележува на Русија дека го нарушила „правото на живот“ во однос на истрагата, која се уште трае, и во која досега шест лица поврзани со убиството се во затвор, но ниту еден нарачател не е меѓу нив.
– За убиство од ваков вид, не можеме да сметаме дека истрагата била адекватна ако никаков напор не бил направен за да се пронајде нарачателот на убиството, оцени судот Судот.
Политковскаја, позната по известувањето за војната во Чеченија и за нападите на руската армија врз Чеченците, беше убиена во 2006 година.
Нејзината мајка, сестра и деца покренаа судски спор против државата Русија поради лошото водење на истрагата. По повеќе судски процеси, пет лица, меѓу кои и тројца браќа од Чеченија, беа осудени во 2014 година за убиството.
Руската истрага е фокусирана на починат руски бизнисмен со живеалиште во Лондон и никогаш не дала никаков доказ за оваа теорија, сметаат адвокатите на тужителите.
Семејството тврди дека во истрагата и при судењето не биле откриени организаторите на нападот врз Политковскаја.
ФОТО: Твитер