Турскиот суд ја одби жалбата за ослободување на американскиот пастор Ендрју Брансон од куќен притвор.
Адвокатот на свештеникот вчера повторно поднесе жалба за ослободување од куќниот притвор, како и да му се укине забраната за патување.
Турскиот весник „Хуријет“ објави дека судот во Измир ја одби жалбата, но истата ќе се разгледува од повисоки судски истанци.
Брансон (50) е главната причина за дипломатскиот спор помеѓу Анкара и Вашингтонм поради што САД воведе санкции и го замрзна имотот на двајца турски министри, а исто така ги зголеми и царините за увоз на челик и алуминиум од Турција.
Турција одговори со воведување на двојно поголеми царини на производите од САД.
Поради тоа односите помеѓу САД и Турција се на најниско ниво, но и поради различните интереси во Сирија, каде САД ги поддржуваат Курдите.
Белата куќа синоќа соопшти дека Американскиот претседател Доналд Трамп е фрустриран поради тоа што Турција не го ослободила американскиот пастор Брансон.
– Претседателот чувствува голема фрустрација поради фактот дека пасторот Брансон не е ослободен како и поради фактот дека други американски државјани и службеници на диплоамтски претставништва не се пуштени на слобода, истакна портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
Американскиот свештеник Брансон, кој чека судење во Турција под обвинение за тероризам, вчера повторно упати жалба до турскиот суд, барајќи ослободување од куќниот притвор и укинување на забраната за патување. Тој е обвинет дека го поддржувал обидот за државен удар во Турција насочен против претседателот Реџеп Тајип Ердоган пред две години. Брансон демантира каква било вмешаност.