Судот во БИХ го одби барањето на Турција за екстрадиција на член на движењето Ѓулен

Во одлуката се наведува дека нема одлука на ОН и ЕУ за организација под ова име.

107

Босанскохерцеговскиот суд го одби барањето на Анкара за екстрадиција на 25-годишната Хумејра Гокчен, член на движењето Ѓулен. Во одлуката на судот се наведува дека „според Обединетите Нации не постои терористичка организација наречена ФЕТО“.

Во вестта пренесена од Ројтерс се наведува дека федералниот Апелационен суд на Босна и Херцеговина одлуката за одбивање на екстрадицијата ја основа врз барањето на Хумејра Гокчен за азил. Во одлуката се наведува дека не е потврдено членството на Гокчен во организација наречена „ФЕТО“ и дека всушност нема одлука на ОН и ЕУ за организација под ова име. Судот не дава никаква изјава во врска со одлуката.

Според некои други извори, Анкара претходно во неколку наврати побарала екстрадиција на турски граѓани од БИХ во врска со неуспешниот воен удар на 15 јули 2016 година.

БИХ сеуште не одговори на барањата на Анкара за затворање на училиштата на движењето Ѓулен и екстрадирање на сите следбеници на движењето. Премиерот на Турција Бинали Јилдирим, при минатомесечната посета на БИХ повика на поконкретни чекори за затворање на овие училишта.

ФОТО: официјална страна на судот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...