Општините мора да работат на проекти во текот на зимскиот период за целосно да бидат подготвени за старт на новата градежна сезона, во март следната година, и веднаш да почнат со нивната реализација, порача министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Карпош.
– На денешната средба разговаравме за сите проекти што се одвиваат во општина Карпош, а особено за проектот за промена на водомерите во општината што ќе се реализира преку Европската инвестициска банка (ЕИБ). Општината во моментов аплицираше за овој проект и очекувам во најбрз временски период, по обезбедување на согласностите од сите надлежни институции, да почне со неговата реализација – изјави Сугарески.
Тој посочи дека го информирал градоначалникот Стефан Богоев дека во текот на наредната година на располагање ќе бидат средствата од ЕИБ во износ од 50 милиони евра и дополнителни уште околу 50 милиони евра што се обезбедени од ТАВ и од јавните претпријатија за изградба на водоводни и канализациски системи, како и 70 милиони евра за изградба на локални патишта за кои во моментов се водат преговори со Светска банка.
– Сметаме дека на тој начин државата ќе може многу да им помогне на општините во текот на наредната година, да ги решат елементарните пероблеми со водоводни и канализациски системи и локални патишта. Со тоа во голема мерка ќе биде зголемен нискиот процент на инвестиции што го имаше во изминатиот период – потенцира Сугарески.
Градоначалникот Богоев посочи дека општина Карпош е во тешка финансиска состојба, но тоа, како што рече, не ги спречува заедно со Владата да работат на проекти за доброто на граѓаните.
– Општина Карпош аплицираше за речиси 200 илјади евра поддршка од ЕИБ за безжични водомери што ќе бидат поставени во 600 до 700 домаќинства на територијата на општината. Во финална фаза е и добивање на согласноста од Министерството за транспорт и врски за два детални урбанистички плана. Првиот е во касарната Илинден, каде се предвидува изградба на станбени објекти, а вториот за деловите над Трнодол и Жданец, каде е предвидена изградба на објекти за индивидуално домување – рече Богоев.
Во зимскиот период, додаде, како општинска администрација се зафаќаат со изработка на готови главни и ревидирани проекти со кои ќе аплицираат за средства во Министерството за транспорт и врски, пред се во делот на изградба на нови локални патишта и водоводи и канализации.
– Верувам дека ќе ги решиме сите наши горливи проблеми со водоводи, канализации и локални патишта со средствата кои ќе ги обезбеди општина Карпош за следната година и со средствата што ќе ги добиеме преку ЕИБ, ТАВ или министерството, а потоа ќе преминеме во фаза на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните – посочи Богоев.