Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска рече дека нема да дозволи државата граѓаните и другите вработени во МЖ Транспорт да бидат заложници на машиновозачите и нивниот, како што рече, незаконски шрајк.
– Машиновозачите да се вразумат и да почнат да работат, бидејќи немаат причина за штрајк. Досега им се исплатени сите плати и заостанатата од претходната власт укинати се антикризните мерки. Се што било побарано се е удоволено. Не е ова пазар каде што ние можеме да се пазариме за коефициентите. Штрајкот е неоснаван и незаконски – рече Сугарески.
Тој соопшти дека од штрајкот МЖ Транспорт има пресметана загуба од 9 милиони денари.
– Соседните држави веќе размислуваат да го пренасочат сообраќајот преку Бугарија и тоа треба да биде повод машиновозачите да размислат и за ова – рече Сугарески.
Тој додаде дека е подготвен да преговара за сите проблеми и барања, но тоа да не биде со уцена.
– Уцена оваа влада нема да трпи, зашто се досега дала. Оваа влада овозможила и фирмата и работниците да можат да работат. Секогаш сум отворен за средба, но тоа да оди на разумно ниво. Ние може да преговараме, а работата да оди, не под уцени – рече тој.
Машиновозачите штрајкуваат четири дена со барање да се зголеми надоместот за квалитет на работа од 30 на 40 проценти.