Добра е динамиката на изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш на потегот од штипската винарија ИМАКО Вино до клучката кај радовишкиот рудник Бучим, оцени денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој во Свети Николе присуствуваше на почнување на изградбата на нова социјална зграда за 48 социјално ранливи семејства.
– Според склучениот договор на ЈП за државни патишта очекувам да бидат испочитувани роковите во делот на првата фаза и во делот со евалуацијата со втората фаза. Делот од Штип до Кочани исто така очекувам оваа година да биде завршена првата делница до Крупиште, а за втората делница фирмата веќе е воведена во работа. Така што динамиката ќе биде одлична – рече Сугарески.
Тој рече дека се бара решение за проблемот со променетата траса од втората фаза на изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш од штипската приградска населба Три чешми до новиот мост на реката Брегалница.
-Знаете дека јавниот интерес е пред се. Меѓутоа, ќе направиме се да никој не биде загрозен, а вклучително ниту бизнисмените кои работат таму – рече Сугарески.
Очекува реконструкцијата на патот Крупиште – Пробиштип, како и првата делница од експресниот пат Штип – Кочани која се протега од Штип до селото Крупиште да завршат во првата половина од годината или напролет.
За реконструкцијата на регионалниот пат Крупиште – Пробиштип проблемот е надминат и затоа, како што рече Сугарески, очекува оваа делница да биде завршена во најбрз временски период.