Остатоци од милијарди дози антибиотици, лекови против болки и антидепресиви се голем ризик за слатководни екосистеми и глобални синџири на храна, се вели во нова анализа.
Стравувањата се зголемуваат ширум светот околу катастрофалното влијание од неконтролирано консумирање антибиотици во медицината и добитокот врз животната средина и здравјето на луѓето.
Кога животните и луѓето земаат антибиотици, до 90 проценти од активните состојки се излачуваат назад во околината. Многу лекови едноставно се исфрлаат – се проценува дека само во САД, третина од четирите милијарди лекови пропишани секоја година завршуваат во ѓубре.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги спореди податоците за концентрацијата на остатоци од лекови во примероците на вода низ целиот свет, како и трендовите во препишувањето на лековите и регулативите за третман на отпадни води во различни земји.
Според студија наведена во извештајот, околу 10 отсто од сите фармаколошки производи се потенцијално штетни за животната средина, вклучително и хормони, аналгетици и антидепресиви.
ОЕЦД вели дека употребата на антибиотици кај добиток се очекува да се зголеми за најмалку 70 проценти во текот на следните десет години, предизвикувајќи загриженост за порастот на отпорност на антибиотици.
Според извештајот, се очекува значително да се зголеми бројот на пропишани лекови.
Друга студија објави дека „многу високи“ концентрации на остатоци од фармацевтски производи се веќе откриени во води во Кина, Индија, Израел, Јужна Кореја и САД.
Во Велика Британија, супстанци како што се етинилестрадиол, диклофенак, ибупрофен, пропранолол и антибиотици сега има во 890 пречистителни станици за отпадни води во концентрации доволно високи за да предизвикаат неповолни влијанија врз животната средина, според друга студија.
– Остатоците од фармацевтски производи се откриени на површината и подземните води низ целиот свет – вели Хана Леки шеф на студија.
– Сè уште не знаеме многу за нивната појава, а уште помалку за концентрациите што ги наоѓаме – вели Леки.
Повеќе од 700.000 луѓе веќе умираат секоја година од заразни болести отпорни на антибиотици.
Бидејќи глобалното население расте и старее, а бројот на пропишани лекови се зголемува, тој број може да се искачи на 10 милиони годишно до 2050 година, што е повисоко од бројот на луѓе кои умираат од карцином.
„Освен ако не се преземат мерки за контрола на ризикот, фармацевтските остатоци ќе бидат повеќе пуштени во животната средина со стареење на популацијата, напредок во медицината и зголемено производство на месо и риба, што дополнително ќе ја зголеми побарувачката за лекови во светот“, пишува во извештајот.
И ситуацијата ќе се влоши со порастот на климатските промени, што ќе го поттикне ширењето на заразни болести и ќе се зголеми бројот на луѓе кои страдаат од болести како што се тропска денга или маларија.