Стручно предавање на тема „Дермоскопија на немеланомски карциноми на кожа“ ќе се одржи утре во Скопје, како дел од „Програмата за рана детекција на малигни заболувања“ на Министерството за здравство.
Целта на овие стручни предавања од прим. д-р Небојша Пешиќ, проф. д-р Зое Апала и проф. д-р Аимилиос Лалас, е континуирана едукација на специјализанти по дерматологија и специјалисти дерматолози за рано препознавање на немаланомски карцином на кожа.
Ракот на кожата е најчеста форма на рак во светот. Бројот на случаи на рак на кожа расте многу побрзо во споредба со другите форми на рак. Секоја година се регистрираат повеќе од 3,5 милиони нови случаи на рак на кожа во Европа.
БЦЦ (базоцелуларен карцином) е најчеста форма на рак на кожа, но и најмалку опасна, генерално не дава метастази, но ако не се препознае на време може да се прошири во околни и подлабоки структури на кожата.
СЦЦ (спиноцелуларен карцином) претставува втора по честота форма на рак на кожа, кој може да метастазира во лимфни јазли и други органи ако е локализиран на усните.
Меланомот е поредок тумор, но најопасен, со најголем потенцијал за брзо метастазирање во внатрешните органи.
– Во последнава деценија почна да се развива и на нашата клиника одлично функционира револуционерна дијагностичка процедура дермоскопија со која се овозможува визуализација на субмакроскопски структури на кожата и со тоа се откриваат немеланомските карциноми на кожата, меланома и други тумори на кожа – вели д-р Нина Цаца Биљановска, директорка на Универзитетската клиника за дерматологија, која го организира утрешното предавање.
Само добро едуциран и сертифициран дерматолог може успешно да ја користи дермоскопијата за рана детекција на кожни карциноми и други кожни тумори. Најважно е нивното навремено препознавање, зашто ако се откријат во рана фаза на развој, може да се излекуваат.