Со фонд од 12 милиони евра во текот на 10 години ќе се доквалификуваат кадри за потребите на стопанството. Парите, како што беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора, ги обезбедува швајцарската влада, а ќе бидат распределени во неколку фази преку повици за компаниите од седум сектори.
Планирано е преку проектот „Образование за вработување“ парите да ги добијат компании кои ќе понудат програма за обука на кадар, кои имаат обучувачи за таа намена и кои имаат намера да вработат дел од обучуваните лица.
Во првите четири години треба да се вработат околу 2.200 обучени лица.
Според најавеното, компаниите ќе бидат обврзани да вработат половина од обучените лица, а останатите ќе се јават на пазарот на трудот. Тие можат да обучуваат по 50 работници за кои ќе добијат најмногу до 500.000 денари за вработените лица.
– По тримесечната обука тие имаат обврска во рок од три месеци да вработат 50 отсто од оние кои ги обучиле – информира Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија.
Претставникот од швајцарската Амбасада во Скопје, Стефан Томагиан, рече дека прашањето на квалификуван кадар треба да се решава долготочно и затоа проектот ќе трае најмалку 10 години.
– Во првите четири години треба да се постигне вработување на околу 2.200 работници, пред сѐ, млади лица. Вкупната вредност за обуките е 12 милиони евра. Една компанија може да биде корисник на најмногу 10 илјади швајцарски франци, за обука на 50 лица – рече тој.
Три компании кои се јавиле на првиот повик, веќе склучиле договори за обука на работници. Станува збор за компаниите „Костал“, која произведува делови за автомобилската индустрија, „Ронтис“ швајцарска компанија во Велес која произведува медицински помагала и КАК, компанија од угостителскиот сектор која поседува два хотела во Битола, три во Маврово и управува со скијачкиот центар во Маврово.
Од компаниите очекуваат преку овој проект дека ќе обезбедат кадар кој им е потребен и кој многу често заминува во странство.
– Дополнително ќе се обидеме да ги задржиме квалификуваните лица да останат во фирмите преку поголеми плати и подобрување на условите за работа – вели Огнан Цемовски од КАК.
Компаниите велат дека аплицирањето за овој проект е многу полесно од аплицирањето за мерките што ги нуди Владата преку Агенцијата за вработување и затоа дел од нив се определиле да учествуваат во програмата за обука на потребниот кадар.