Структурата на Нотр-Дам „е спасена и зачувана во целост“, пожарот е несреќен случај

Почетокот на пожарот се смета дека е несреќен случај кој започнал на покривот на катедралата каде се изведуваат градежни работи, кога случајно искра оган од тековната градилиште летнала на покривот на катедралата.

693
FOTO MIA
Структурата на Нотр-Дам „е спасена и зачувана во целост”, соопшти противпожарната служба, но две третини од покривот е целосно уништен, јави дописникот на МИА.

– Можеме да сметаме дека структурата на Нотр-Дам е спасена и зачувана во целост, изјави генералот Жан-Клод Галет, командант на Бригадата на пожарникари во Париз.

Во операцијата на гаснење потешко е повреден еден пожарникар.

– Пожарот сега е со намален интензитет, појасни францускиот државен секретар за внатрешни работи Лоран Њунез, повикувајќи да се остане „исклучително претпазлив”.

Претходно, високите француски претставници изјавија дека не се сигурни дека катедралата ќе биде спасена, a командантот на француските пожарникари Жан-Клод Галет изјави дека не се сигурни дека ќе го спречат огнот од ширење кон втората камбанерија, што би значело целосно уривање на катедралата.

Со пожарот се борат над 400 пожарникари, а противпожарната служба соопшти дека не е можно гаснење на огнот од воздух, бидејќи на тој начин се доведува под ризик структурата на црквата.

Според градоначалничката на Париз Ан Идалго, најголемиот број од вредните предмети и реликвии кои се чуваа во Нотр-Дам се извлечени, а според ректорот на катедралата, Круната со трње и туниката на Сен-Луј, два предмети од исклучително значење за католиците, се „спасени” од огнот што ја опустоши Нотр-Дам од Париз, рече епископот Патрик Шовет, ректорот на катедралата.

Круната со трње, според католичкото верување, е онаа што римските војници ја ставија на Исусовата глава за да се потсмеваат со него непосредно пред неговото распетие.

Фондацијата културно наследство најави дека од утре ќе започне со „национално собирање на средства”, за да се поправи штетата предизвикана од пожарот што во моментов ја уништува катедралата Нотр-Дам во Париз.

Фондацијата за наследството е приватна организација, која работи на заштита и промовирање на француското културно наследство.

Истрагата за катастрофата што уништи добар дел од катедралата Нотр-Дам во Париз, се води како „ненамерно уништување со оган” и таа и е доверена на регионалната дирекција на судската полиција, објави обвинителството.

Почетокот на пожарот се смета дека е несреќен случај кој започнал на покривот на катедралата каде се изведуваат градежни работи, кога случајно искра оган од тековната градилиште летнала на покривот на катедралата.

Државниот секретар за внатрешни работи, Лорен Њунез, претходно посочи дека потеклото на овој пожар досега без преседан во историјата на катедралата сѐ уште не е познат.

Специјални тимови се ангажирани за спасување на уметничките дела, а портпаролот на катедралата Андре Фино соопшти дека сите реликвии се на безбедно место и не се загрозени.

Во тек беше реновирање на катедралата, при што некои делови беа опкружени со скелиња, а бронзените скулптури преместени поради градежните работи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...