Одамна не паметам ваква жестока кавга помеѓу СДСМ и ДУИ, старо-новите партнери во владејачката коалиција. Заради уметнички впечаток, СДСМ дури и ја „бојкотира“ работата на Собранието. Имено, потпретседателката на парламентот, Фросина Ременски, денеска не се појавила на редовната координација кај претседателот Талат Џафери, а пратеничката група на СДСМ одбила да оди на двете пленарни седници закажани токму за денеска.
Море, море, море… Каква драмолетка!
На сите страни фрчат тешки думи. Талат Џафери калкулирал и не дозволил парламентот да гласа за одземањето на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски! ДУИ во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ! „Ние на 27 април ќе загиневме за Џафери, а тој нѐ прави будали!“, се жали пратеникот Павле Богоевски.
А они, сите од ред, паметни. Попаметни не можеш со боринче да најдеш. Толку паметни што во обидот за одземање на имунитетот на Вељаноски, од силна желба работата да се заврши прекутрупа, направени се едночудо фаули. Од сите страни. Немам намера да објаснувам, процедурите и роковите се јасни и секој писмен грешките може да ги види од авион.
Но, кај нас луѓето не разбираат што е тоа процедура и зошто е таа важна. Своевремено, еден мој професор тоа ми го објасни на едноставен начин. Процедура, вели, е ова – пиеш апче, па пиеш вода и голташ. Не може прво голташ, потоа пиеш вода и на крајот лапаш апче. Затоа процедурите мора строго да се почитуваат.
И така… Кога не се почитуваат процедури, рокови и правила на игра, многу лесно се греши. И кога сето тоа се случува под една неприродна одмаздничка тензија, од играчка работата станува плачка.
Но, да не се тревожиме премногу. Јас ве уверувам дека час поскоро страсната кавга ќе заврши со страсно помирување. Попаметниот ќе попушти. Со нервите. И ситуацијата некако ќе се реши. На штета на Трајко Вељаноски, претпоставувам.
СДСМ и ДУИ се пред претседателски избори. Двете партии се упатени на соработка. Без гласовите на приврзаниците и симпатизерите на ДУИ, СДСМ ризикува од готово да направи вересија. Од друга страна, постојат стотици причини поради кои Али Ахмети не сака да го растури сојузот со Зоран Заев. Од трета страна… да не заборавиме дека постои и трета страна, нели, која всушност го има последниот збор.
Значи, ќе гледаме оскаровска сцена на помирување. Насмевки, ракување, гушкање… Само без орална размена на телесни течности, молам.