СТО: САД не ги запреле незаконските субвенции за Боинг

52

Светската трговска организација (СТО) денеска соопшти дека САД го игнорирале барањето за запирање на субвенционирани даночни олеснувања на „Боинг” во својата сојузна држава Вашингтон.

Европската унија соопшти дека пресудата по нивната жалба до СТО ги потврдила нивните тврдења дека Боинг продолжил да прима илегални субвенции, но САД тврдат дека само со една мерка, даночното олеснување од околу 100 милиони долари годишно, е утврдено дека ги крши правилата.

САД и ЕУ се во спор од 2004 година со взаемни обвинувања за нелегална помош на авиогигантите Боинг, односно Ербас, кој со години се води во СТО.

Во март 2012 година СТО утврди дека субвенциите за Боинг, вредни повеќе милијарди долари, биле незаконски, поради што апелираше на САД да ги запре. Но, неколку месеци подоцна, ЕУ поднесе нова тужба пред СТО, тврдејќи дека Вашингтон не ја почитува изречената препорака.

Субвенциите на кои се жали ЕУ, му овозможиле на Боинг своите авиони да ги продава поевтино во однос на европскиот ривал Ербас, се посочува во денешното соопштение од Европската комисија, дополнувајќи дека очекува Вашингтон веднаш да ја спроведе одлуката на СТО.

Германската новинска агенција ДПА дополнува дека во соопштението на ЕК нема ништо за илегалното субвенционирање на Ербас, кое и покрај препораката на СТо, продолжува.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...