СТО порачува да се фокусираме на реформи на пазарот на трудот и администрацијата

73

Главен фокус на економските политики на Владата во иднина треба да бидат реформите што се прават во делот на подобрување на пазарот на труд, за намалување на сивата економија и реформите во јавната администрација, како и даночниот систем, порачале членките на Светската трговска организација (СТО) на втората Ревизија на трговската политика на земјава, што се одвиваше во изминатите три дена во седиштето на СТО во Женева.

– Членките на СТО ги нотираа напорите и успехот на земјата во решавање на спорот со името со Грција, кој ги отвори вратите на земјата за поголема регионална соработка. Порачаа Република Северна Македонија да продолжи да чекори цврсто на патот за подобрување на економијата. Членките покажаа интерес за реформите кои се прават во делот на подобрување на пазарот на труд, за намалување на сивата економија и реформите во јавната администрација, како и даночниот систем, за кои  порачаа дека во иднина треба да бидат главен фокус на економските политики на Владата – информира Министерството за економија.

СТО, како што се наведува во соопштението, дала високи оценки за трговската политика која ја поддржуваат спроведените реформи, за забележителниот економски раст и подобрување на конкурентноста на државава во изминатите шест години.

Во завршните наоди на земјите членки на СТО било забележано дека државава направила особен напредок во подобрување на бизнис регулативата за подобрување на условите за домашните и странските инвеститори. Ги поздравиле преземените мерки за привлекување странски инвестиции, имплементирањето на новата царинска регулатива која е усогласена со европското законодавство, прогресот во транспортната политика каде се даде можност за целосна функционалност на Коридорот 10 и забрзаното темпо на железничкиот дел од Коридорот 10, како и тоа дека Коридорот 8 е интензивна фаза на реализација.

Како многу позитивна реформа која што во изминатите две години е направена, според соопштението, се стратешките документи во областа на индустриската политика, конкурентноста, женското претприемништво, подршката на малите и средни претпријатија, земјоделската политика, индустриската сопственост и транспортната политика.

Следната ревизија треба да биде за шест години, но доколку Северна Македонија стане членка на Унијата, тоа нема да се случи. Нашата земја е членка на Светската трговска организација од април 2003 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...