СТО: САД можат да воведат царини на увоз на стока од ЕУ до 7,5 милијарди долари

217

Светската трговска организација (СТО) објави денеска дека САД можат да воведат царини на увоз на стока во вредност до 7,5 милијарди долари од Европската унија, како одговор на нелегалните субвенции на ЕУ за европскиот производител на авиони „Ербас“.

Одлуката да и се даде право на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе контра мерки против Европската унија, уследи по пресудата на СТО за субвенциите на Ербас, донесена во мај 2018 година.

Денешната одлука, која претставува рекордна такса што му ја додели СТО на една страна, не стави крај на долготрајниот трансатлантски спор околу авионите. Таа меѓународна организација треба да донесе одлука следната година до која вредност на стоки ЕУ може да воведе такси врз основа на друга посебна одлука донесена против американската авиокомпанија „Боинг“.

САД веќе објавија план за воведување данок на увоз на сирење, маслинки и виски од ЕУ, како и делови за авиони, но можни се промени.

Американските такси не можат да стапат на сила пред средината на октомври, бидејќи управниот одбор на СТО мора претходно и официјално да ги потврди.

Комесарот за трговија на ЕУ, Сесилија Малмстром одговори на одлуката на СТО, велејќи дека ЕУ би сакала да постигне договор со САД за да избегне царинска војна, но ќе одговори доколку американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови даноци за производите на ЕУ.

Малмстром рече дека царинската војна „ќе им наштети на деловните субјекти и на граѓаните од обете страни на Атлантикот, глобалната трговија и авијациската индустрија во чувствително време“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...