За да имаме успешен извоз, најпрво треба да ја одработиме домашната задача, да креираме производ што ќе биде соодветно дизајниран, конкурентен и квалитетен, согласно стандардите на земјата во која се извезува, вели претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комората, Глигор Цветанов.
– Тука треба да поработиме малку повеќе. Светскиот пазар е преплавен од сите земји и производи, но успеваат само тие што се наметнуваат со квалитет и конкурентна цена -додадва Цветанов.
Според него, дополнително за раст на бројот на извозни компании потребно е инвестирање во капацитетите и зголемно производство кое ќе има потреба да се извезува, но на бизнисмените им се потребни и поголем број информации за тоа што се бара на тие пазари.
– Македонските треба да се борат за пазарот за разлика од странските инвеститори во земјава кои доаѓаат со веќе готов пазар. Тоа е голема разлика, затоа странските и македонските компании треба да соработуваат, странските да им помогнат преку нивните производи дел од извозот да оди на тој пазар – рече Цветанов.
Татјана Штерјова од Комората, пак, смета дека за успешен пласман надвор е неопходно исполнување цел сет барања: за пакувања, означувања, стандардизација.
– Изминатите години континуиран е статусот на компании што извезуваат. Прашањата не ги лоцираме во дневно-политичките настани, туку во подлабоки, долгорочни фактори кои влијаат врз овој сегмент- рече Штерјова.
Официјалните податоци, велат од Комората, покажуваат дека помалку од пет отсто од домашните микро, мали и средни претпријатија реализираат извоз на регионалните пазари, а само три проценти се присутни на некој од пазарите во Европската унија зашто се уште се кадровски, финансиски и технички ограничени.
Според Комората, учеството на извозот во БДП треба да се зголеми од 50 на 75 проценти, а за тоа е неопходно значително подобрување на трговскиот сектор. Најголем капацитет за освојување нови пазари или интензивирање на постојниот извоз имаат компаниите од прехранбениот сектор, фармацевтската, хемиската, дрвната, металната и индустријата за мебел, како и текстилот.
Од вкупниот број регистрирани правни лица во државава, само околу пет отсто или 3.500 компании се извозно ориентирани. Вкупно 81 отсто се во категоријата микро и мали компании, 15,8 отсто се средни, а само 3,2 отсто се големи компании.
– Иако микро и малите компании се најбројни извозници, големите компании се моторот кој креира дури 80 отсто од вкупниот извоз на стоки во државата. Лани Македонија остварила над пет милијади евра извоз, што е најголем пораст во изминатите 10 години- рече Цветанов.
Тој се повика и на официјалните статистичките податоци за трговската размена, според кои 81,1 отсто од извезените производи завршуваат на пазарите во земјите членки на Европската унија, а трговската размена со земјите од ЦЕФТА регионот изнесува 10-12 процента. Најголем тровски партнер е Германија со кој Македонија бележи суфицит во размената.
Значајни трговски партнери на земјата се и Бугарија, Србија, Грција, Италија, Романија, Шпанија, Турција и Велика Британија.
Од денеска на веб страница на Стопанската комора е достапаен Каталогот на извозници со ажурирани податоци за компаниите – членки на Клубот на извозници.
Каталогот е отворен за евентуални дополнувања на компании, производи и нови, потенцијални пазари. Изготвени се и одреден број печатени изданија кои ќе бидат дистрибуирани до амбасадите и дипломатските претсавништва во земјава.