Стопанска банка Битола оствари добивка од 560 илјади евра

Нето-приходите од камати се повисоки за 9,97 отсто, односно 31,51 милиони денари во однос на остварувањето од лани. На страната на приходите од камати остварен e годишен раст од 3,05 отсто главно генериран од зголемено кредитирање на секторот домаќинствa со цел дисперзија на ризик и проширување на клиентската база.

92

Стопанска банка а.д. Битола минатата година работеше во насока на остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката за 2018-2022 година, притоа прилагодувајќи го своето работење на промените во деловното окружување.

Банката лани оствари позитивни резултати и нето-добивка во износ од 34,43 милиони денари. Добивката од работењето пред данок и исправка на вредност на финансиските и нефинансиските средства изнесува 136,11 милиони денари за разлика од минатата година кога оваа добивка изнесуваше 79,86 милиони денари што укажува на значително подобрување на способноста за генерирање на приходи од редовното работење.

Тековното остварување главно е резултат на повисоки нето-приходи од камати и провизии, како и ефикасно управување и контрола на трошоците, што придонесе за неутрализација на ефектот од зголемената исправка на вредност и загуба за оштетување.

Нето-приходите од камати се повисоки за 9,97 отсто, односно 31,51 милиони денари во однос на остварувањето од лани. На страната на приходите од камати остварен e годишен раст од 3,05 отсто главно генериран од зголемено кредитирање на секторот домаќинствa со цел дисперзија на ризик и проширување на клиентската база.

Следејќи ги движењата на пазарот од аспект на каматни стапки, расходите за камати бележат годишно намалување од 12,10 отсто. Планот на нето-приходи од камати за анализираниот период е остварен со 107,68 отсто.

Нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 11,94 милиони денари, што претставува годишен раст од 12,08 отсто, при што приходите од провизии се зголемени за 8,41 отсто, одразувајќи го растот на провизиите главно во делот на платен промет, додека на страната на расходите е евидентирано зголемување од 0,51 отсто. Планот на нето-приходи од провизии и надомести за анализираниот период е остварен со 102,34 отсто.

Нето-курсните разлики бележат намалување од 4,85 отсто, односно 1,12 милиони денари споредено со минатата година, додека планот е остварен со 84,76 отсто.

Останатите приходи од дејноста се пониски за 9,74 милиони денари споредено со претходната година, главно како резултат на пониски вонредни приходи вклучени во оваа категорија.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е поголема за 54,26 милиони денари во однос на исправката издвоена во 2017 година што е одраз на проценките на Банката околу кредитниот ризик, а врз основа на одредени настани кои негативно се одразија во работењето кај неколку од клиентите.

Во согласност со Одлуката за сметководствениот и регулаторниот третман на средства преземени врз основа на ненаплатени побарувања, заклучно со 31.12.2018 година евидентирана е загуба поради оштетувањето на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 12,38 милиони денари.

Во година кога фокусот беше ставен врз понатамошна дигитализација и пресретнување на современите потреби на клиентите, трошоците за вработените се пониски за 0,53 отсто споредено со 2017 година. Планот кај оваа позиција е остварен со 89,56 отсто. Останатите расходи од дејноста се пониски за 13,79 отсто на годишна основа, додека планот е реализиран со 101,57 отсто. Амортизацијата е зголемена за 6,80 отсто, а реализацијата на планот изнесува 93,67 отсто.

Промени во сметководствените политики и методи на вреднување

Банката лани започна со примена на нови сметководствени политики заради усогласување со новата Одлука за Методологијата за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиските извештаи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2017 година) донесена од страна на Народна банка на Република Македонија. Измените во Методологијата се однесуваат на имплементацијата на Меѓународниот стандард за финансиско известување – МСФИ 9, во делот на класификација, мерење, вреднување и оштетување на финансиските средства. Во таа насока, Банката изврши прекласификација на портфолиото на хартии од вредност, што не предизвика промени во основите за мерење и никаков финансиски ефект од класификацијата.

 Дивиденди

Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2017 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата на Собрание на акционери одржана на 25.4.2018 година, Банката не исплати дивиденда за 2017 година.

Лани за 9,55 отсто се намалени недвижностите и опремата споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2017 година.

Обврските по кредити се пониски за 25,87 отсто споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2017 година, што главно се должи на намирување на квартални обврски по кредитни линии.

Очекувања за претстојниот период

Во периодот што следи Банката очекува стабилно макроекономско окружување, умерено забрзување на економскиот раст при очекувана стапка на инфлација од околу 2отсто. Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде насочена кон стабилно и профитабилно оперативно работење со фокус на јакнење на депозитниот потенцијал, понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилено преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционални кредити, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, како и активности поврзани со продажба на преземениот имот и контрола на трошоците. Интензивно ќе се работи и на понатамошна дигитализација на одредени процеси и активности во Банката со цел прилагодување на понудата на производи и услуги на профилот на современиот клиент. Воедно, Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за понатамошно профитабилно работење.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...