Москва мора целосно да го почитува, без одлагање, Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел (ИНФ) меѓу Русија и САД, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, истакнувајќи дека новиот руските проектили со среден дострел го става договорот во „сериозна опасност”.
ИНФ, потпишан во 1987 година, забранува нуклеарни проектили со дострел до 5.500 километри. Договорот ги постави основите на европската безбедносна архитектура, ограничувајќи го ризикот од нуклеарен напад, јави ДПА.
Сепак, САД ја обвинуваат Русија за кршење на договорот со крстосувачката ракета „Новатор 9М729“, позната и како „ССЦ*“, претставена претходно оваа година. Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец се закани дека ќе се повлече од договорот.
НАТО, исто така, ја предупреди Русија за новиот ракетен систем.
– ССЦ-8 е мобилен и лесен за криење. Тој е способен да носи нуклеарни боеви глави, го намалува времето на предупредување до неколку минути, го намалува прагот за нуклеарен конфликт и има дострел до европски главни градови – наведе шефот на НАТО.
Тој го изјави ова денеска во објавените авторски текстови во италијанскиот весник „Ла Република“ и шпанскиот „Ел Паис“.
– Активностите на Русија го поткопуваат Договорот ИНФ, ставајќи го во сериозна опасност – додава Столтенберг, истакнувајќи дека Вашингтон функционира во „целосна согласност” со Договорот.
Ова прашање се очекува да биде на дневен ред на средбата на министрите за надворешни работи на НАТО следната недела.
– Договорот што е почитуван од само една страна … нема да нѐ заштити. Ако договорот повеќе не влијае врз реалноста на теренот, тогаш тоа не е ништо повеќе од едно парче хартија” – оценува тој.