Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг порача дека присуството на Алијансата во Ирак е на покана на ирачката влада и дека Алијансата целосно го почитува суверенитетот на Багдад.
НАТО е присутен во Ирак со тренинг мисија, но разговара за преземање на дел од задачите на Глобалната коалиција за борба против Исламската држава.
– НАТО е во Ирак на покана на ирачката влада и ќе останеме во Ирак додека сме добредојдени. НАТО целосно го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Ирак, имавме конструктивна дискусија денеска за иднината на соработката за да не им биде веќе потребна нашата помош, ние заедно се бориме против тероризмот и сакам да им оддадам почит на ирачките граѓани и сили за нивната посветеност и жртва – изјави генералниот секретар.
На денешниот состанок сите земји членки изразиле согласност за преземање на дел од активностите на Глобалната коалиција.
На дневен ред на денешниот министерски бил и Авганистан, каде присуството на НАТО е значајно намалено во последните години, што за Столтенберг е резултат на зголемениот капацитет на авганистанските власти да ги водат своите безбедносни сили сами.
Столтенберг уште еднаш ги повика Талибанците да седнат на преговарачка маса на конструктивен начин и да се заложат за намалување на насилството. Генералниот секретар ги поздрави американските напори за мировни преговори со Талибанците, како и предлозите на некои земји членки на НАТО за поддршка на внатрешниот политички дијалог во Авганистан.
НАТО силно го осуди и режимот на Башар Ал Асад на Сирија, кој во последните недели ги засили нападите врз цивилите во Идлиб со помош на Русија.
– Го повикуваме режимот на Асад кој има поддршка од Русија да ги стопира нападите врз невини цивили и целосно да се посвети на мировните напори на Обединетите Нации – рече Столтенберг.
Фото: EPA/JIM LO SCALZO