Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата проценува како да ѝ помогне на Турција, која во северна Сирија се судира со сириските сили, поддржани од Русија.
– Постојано ја проценуваме ситуацијата и и даваме поддршка на Турција, изјави Столтенберг вчера во Загреб.
Тој нагласи дека Турција граничи со Ирак и Сирија и оти ниту еден сојузник на НАТО не претрпел повеќе, ниту бил зафатен со толкаво насилство како Турција.
Столтенберг рече дека во Турција веќе се распоредени противракетни системи Патриот од Шпанија, оти авиони AWACS постојано патролираат и дека бродовите на НАТО поинтензивно влегуваат во турските пристаништа.
Тој смета дека предизвиците се големи и оти ниту една институција не може сама да се справи.
– Ни треба заедничко решение за заедничките предизвици во Сирија, рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО во Загреб учествуваше на состанокот на европските министри за одбрана посветен на Сирија и на состојбата на грчко-турската граница.