Вкупните кредити на домаќинствата во јуни годинава се зголемиле за еден процент на месечна основа, а за 9,7 отсто на годишна основа, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.
Анализирано според наменета на кредитите од физичките лица, кај најзастапената категорија, потрошувачките и станбените кредити, е евидентиран месечен раст од 1,3 отсто, односно 1,2 отсто, што на годишно ниво изнесува 11,1 отсто и 14,9 отсто.
Месечен пад од два процента е забележан кај автомобилските кредити и од 0,5 проценти кај негативните салда на тековните сметки, а по овие два основа на годишно ниво е остварен раст од 0,2 отсто односно 4,8 отсто. Во јуни годинава кредитите одобрени на кредитни картички се непроменети на месечна основа, а на годишно ниво бележат намалување од 0,8 отсто. Во јуни кај кредитите одобрени врз други основи е остварен месечен раст од 0,6 отсто при годишно намалување од 0,8 отсто.
Кај корпоративниот сектор, пак, кредитите во јуни бележат раст од 0,8 отсто на месечна основа, во услови на речиси подеднаков придонес кон растот на кредитирањето во денари и во странска валута. На годишна основа е забележан раст на кредитнатa активност од 2,9 отсто, што во услови на намалено кредитирање во странска валута, целосно е резултат на зголеменото денарско кредитирање, наведува НБРМ.
Вкупните кредити во Македонија во јуни годинава се зголемиле за 0,9 отсто на месечно ниво, што според Народната банка на Република Македонија се должи на зголеменото кредитирање и во корпоративниот сектор и кај домаќинстава, кои имаат речиси подеднакво учество во месечната промена. На годишна основа кредитниот раст изнесува 6,2 процента, во поголем дел од зголемено кредитирање на секторот домаќинство кое учествува со 74,2 отсто во растот