АмРест Холдингс СЕ, најголемиот оператор на ресторани во централна Европа, најави дека планира да отвори „Старбакс“ локали во Србија. Првиот се очекува во Белград во текот на оваа година.
– Првиот „Старбакс“ локал ќе биде отворен оваа година во Белград, градот со долгогодишна традиција на уживање во кафе. АмРест е водечки оператор на „Старбакс“ кафулињата во регионот на централна Европа, а Србија претставува најнов пазар на кој оваа компанија ќе го отвори првиот локал, се наведува во соопштение на компанијата.
Претседателот за „Старбакс“ во компанијата АмРест, Адам Муларук изрази задоволство што компанијата, преку отворањето на првиот „Старбакс“ во Белград, ќе може на гостите во Србија да им го понуди „единственото Старбакс искуство“.
– Оваа земја има богата култура на конзумирање кафе и со нетрпение очекуваме да станеме дел од неа. Ние ќе им обезбедиме на посетителите место каде ќе можат да уживаат во квалитетно кафе и да ја откријат нашата страст – рече Муларук.
Компанијата АмРест, која ја отвори својата прва продавница во Прага во 2008 година, сега има 300 кафулиња на „Старбакс“ во Полска, Германија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија и во Бугарија.
„Старбакс“, основана во 1971 година во Сиетл, САД, има повеќе од 28.000 локали ширум светот и се смета за најголема светска фирма за пржење и продавање специјално кафе.