Компанијата Старбакс планира да организира обука против расни предрасуди за дури 175.000 свои вработени, по инцидентот во Филаделфија, каде двајца Афроамериканци беа уапсени само зашто седнале и ништо не нарачале.
Кога вработена во угостителскиот објект ги прашала гостите што ќе нарачаат, тие рекле дека прво ќе го почекаат пријателот што треба да дојде. Тогаш менаџерот на кафулето повикал полиција со образложение дека „двајцата мажи одбиваат да нарачат или да си одат“.
Видео снимката која ја направија посетители на кафулето ја шокираше јавноста во САД.
Старбакс се извини по инцидентот, а двајцата Афроамериканци набргу беа ослободени од страна на полицијата.
Настанот предизвика бројни протести во кафулето во Филаделфија и повици за бојкот на Старбакс. Поради тоа, компанијата наредниот месец на неколку часа ќе затвора 8.000 свои локали во САД, и ќе организира обука против расизам за вработените.