Стапката на раѓање во САД опадна на рекордно ниско ниво

Во извештајот се посочува дека наталитетот во САД се приближува на нивото на западноевропските трендови и земјата оди кон таа граница кога бројот на населението ќе почне да се намалува.

77

Наталитетот во САД опаѓа четврта година по ред и стапката на новородени лани била најниска во изминатите 32 година, покажуваат резултатите од најновото истражување на владиниот Центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ).

Според истражувањето, како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, во САД лани биле родени 3.788.235 бебиња или два отсто помалку од претходната година. Општата стапка на раѓање лани изнесувала 59 деца на 1.000 жени на возраст од 15 до 44 години, што е пониска и од времето на економската криза и Големата депресија во 30-те години на минатиот век. Така на пример во 1936 година општата стапка на раѓање била 75,6 деца на 1.000 жени.

– Најважното сознание од истражувањето е дека стапката на раѓање во САД опадна на рекордно ниско ниво – вели Брејди Хамилтон, статистичар и демограф во ЦДЦ.

Тој додава и дека постои рекордно ниска стапка на раѓање и кај жените тинејџери. Лани таа се намалила за седум отсто споредено со 2017 година.

Во извештајот се посочува дека наталитетот во САД се приближува на нивото на западноевропските трендови и земјата оди кон таа граница кога бројот на населението ќе почне да се намалува.

Според ЦДЦ, вкупната стапка на раѓање во САД – просечниот број на деца родени од сите жени кои би живееле до крајот на својата репродуктивна возраст, исто така е намалена. Во САД лани на 1.000 жени имало вкупно 1.728 раѓања, што е два отсто помалку отколку во 2017 година.

Според статистичарите, за одржување на тековниот број на население, вкупната стапка на раѓање во земјата треба да биде најмалку 2.100 раѓања на 1.000 жени или секоја жена треба да роди најмалку две деца. Ако 1.000 жени родат 2.000 деца, тие ќе ги заменат нивните двајца родители, а останатите 100 ги заменуваат прерано починатите.

Последиците од намалената стапка на раѓање се многубројни, велат експертите. На пример се зголемува бројот на постарите луѓе, што влијае врз работоспособноста во земјата.

САД го следат трендот на намалена стапка на раѓање, што е одлика на развиените земји. Така на пример во европските земји како Италија и Шпанија стапката на прираст 1,3, додека во Јапонија е 1,44.

Според социолозите, една од основните причини за намален наталитет кај Американките е подоцното стапување во брак и одложување на бременоста на возраст од над 35 или над 40 години.

– Ова е знак дека наталитетот може да се обнови. Можеби. Но, одложена бременост во поодмината возраст резултира и со проблеми во плодноста кај жените – вели Хелен Ким, професор на Медицинскиот факултет „Фејнебрг“ при Северозападниот универзитет.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...