Состојбата во текстилната индустрија е исклучително тешка и две странски компании веќе ставија клуч на врата, велат сопствениците на текстилните компании и бараат помош од државата.
– Со одлука на Уставниот суд се укина нормираниот учинок. Не знам во која производствена дејност не се мери нормиран учинок. Но тоа е завршена работа и затоа бараме на некој начин државата да ни помогне. Нашите барања се државата да супституира 50 отсто од бруто-придонесите да бидат на нејзин товар. Не бараме тие пари да одат кај нас, туку во џебот на вработените. Исто така, бараме да ни се амортизира делот од замрзнатиот курс на денарот. Од пред 10 години платите во просек се зголемија за 70 проценти, а курсот на денарот во однос на еврото остана зацементиран. Но ние работиме со странство – рече Маријана Перковска, претседателка на Кластерот за текстил.
Таа рече дека не е проблем толку исплатата на минималната плата, колку што е проблем спиралата што се случила со нејзиното зголемување.
– Се зголемија и другите плати, и тоа во маса на пари е 25 до 30 проценти повеќе, но за такво нешто нема расположение кај нашите странски партнери – вели Перковска и вели дека затоа бараат помош од државата.
Откако го кажаа своето, сопствениците на текстилните фирми не беа расположени за новинарски прашања. На прашањето дали ова значи дека тие не се во можност да исплатуваат плати и дали затоа ќе користат дупки во законот, Сашко Станоевски, член на Управниот одбор на Кластерот, налутено извика да се отстрани новинарот што поставил такво прашање.
– Вие ништо не знаете за текстилната индустрија. Кога зборуваме за проблемите во текстилната индустрија, обично ни велат дека ние возиме џипови. Па со што да се возиме, ова е 21 век. Бизнисмените во странство имаат авиони! – рече Станоевски.
На средбата со новинарите беше кажано и дека 80 проценти од вкупниот приход на текстилните компании се за плати.
Текстилците повторно се пожалија и дека не може да најдат работници.
(објавено во СЛОБОДЕН ПЕЧАТ)