„Стандард и Пурс“: Банкарскиот систем е стабилен, ликвиден и добро капитализиран

226

Агенцијата „Стандард и Пурс“ објави нов извештај, во кој го потврди кредитниот рејтинг на нашата земја „ББ-“, со стабилен изглед. Во извештајот, одделно внимание ѝ е посветено на монетарната политика, со фокус на стабилноста на домашната валута и нивото на девизните резерви, како и на стабилноста на банкарскиот систем, соопштија од Народната банка.

– Меѓу другото, „Стандард и Пурс“ повторно наведе дека мерките на Народната банка, како што е пониската задолжителна резерва за обврските на банките деноминирани во денари, придонесуваат за намалување на вкупната евроизација во земјата, којашто  воедно е и пониска споредено со другите економии во регионот. „Стандард и Пурс“ одделно се осврна и на девизните резерви, коишто во текот на  оваа година бележат раст, во најголема мера како одраз на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар – се вели во соопштението.

Оттаму додаваат оти во извештајот посебен акцент е ставен на банкарскиот систем, со нагласок дека тој е стабилен, ликвиден и добро капитализиран, со ниско ниво на нефункционални пласмани, а дека неговите активности главно се финансирани преку домашните депозити.

–  „Стандард и Пурс“ даде позитивни оцени и за кредитниот пазар во нашата земја, забележувајќи дека и покрај тоа што поголем дел од кредитирањето е насочено кон населението, во последниот период се забележува поголема активност и на сегментот на корпоративното кредитирање – се наведува во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...