ССМ се враќа на традицијата, ќе организира првомајски марш

Синдикалците ќе побараат подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници, подобар општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор. Тие ќе кажат и стоп за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

75

Сојузот на синдикати на Македонија по неколку години пауза годинава организира првомајски марш по повод Меѓународниот ден на трудот.

Под мотото „Патиштата се различни, целта е една“ маршот ќе почне од пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија и ќе продолжи пред македонското Собрание и Владата на Република Македонија.

Синдикалците ќе побараат подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници, подобар општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор. Тие ќе кажат и стоп за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

– Се враќаме на традиционалните патишта. Одлуката е донесена едногласно од највисоките органи и тела. Сите претседатели и советници ја донесовме одлуката на 1 Мај да се маршира и да се кажат работничките барања – истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски на денешната прес-конференција.

Синдикалните барања, како што рече, се доставени до Министерството за труд и социјална политика и до Владата на Република Македонија.

Од ССМ посочуваат дека треба да се изработи нов закон за работни односи каде ќе се ревидираат постоечките членови и ќе се вметнат нови, а едно од прашањата за кое ќе се преговара ќе бидат договорите на определено време.

Првомајскиот марш се поклопува и со 110-годишнината од синдикалното движење и организирање во Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...